АГТИС го организираше експертскиот панел „Судбината на реформите во услови на политичка криза“, кој е дел од проектот „Детски болести на демократијата“, финансиран од НЕД. Целта на овој проект е: да ја зголеми одговорноста, транспарентноста и реформската насока на владата, напоредно со зајакнување на општите знаења за реформите, нивните причини, актери и „мерење“ на политичката волја.
На панелот беа претставени најважните резултати од анкетата на АГТИС за истражување на ставовите на граѓаните околу реформите и неколку кратки тематски воведи за онгоинг реформите (студии на случаи), проследена со дискусија за повеќе аспекти на реформите кај нас, кои се одвиваат во услови на постојана политичка криза, наплив на политички настани, кои длабоко ја тангираат судбината на земјава и предизвикуваат висок набој кај граѓаните, хранејќи го понатамошното поларизирање по политички преваленци.
Се разбира, во сета оваа политички кризна ситуација, политичка волја да се спроведат планираните реформи е секогаш под знак прашање. Во таква поларизирана ситуација, „пожарните потези“ на донесувачите на одлуки ги надминуваат па дури и девастираат планираните реформски потези, со што се смалува предвидливоста на резултатите. Од една страна слушнавме за недостаток на капацитет, за недостаток на политичка волја, од друга, за намерни блокади на поединечните реформски потези.
Тоа го отвори прашањето дали се реформите воопшто можни, како заради политички опортунитет, така и заради потребната општествена енергија, но не постои друг разумен одговор освен потврден, па, се јавува новото прашање: Како да се спроведуваат реформи во услови на политичка криза?
Панелот проба да одговори како да се реализираат реформи во услови на политичка криза, не само заради минатите, туку и заради очекуваното продолжување на постоечката, која ќе кулминира во секој случај. Во тој гап ќе биде изгубена и она малку енергија, која е произведена со реформските брендови „3-6-9“ и помалку познатата „Блу принт“. Дизајнот на модели и стил на реформи, кој би се одвивал во таква констелација би биле од помош за владата и јавноста.
„Колку е вистина она што го кажува Владата, дали ние страдаме од недостаток на политичка волја, или пак страдаме од невештост. Гледаме многу технички работи не функционираат, и затоа сакавме преку овој проект да ги видеме детските болести на демократијата. Затоа и направивме анкета со која сакавме да испитаме дали има некакви нови вредности. Ме радува фактот дека многу од анкетираните (иако имаше и многу одбивања) имаа емотивен пристап на истражувањето. Знаете, вие ги прашувавте граѓаните, но тие не веруваа дека нештото е важно, бидејќи нештото нема да се промени. Сега веруваат, па дури се лутат и се караат со анкетарите. Тоа е еден ангажиран пристап кој го немаше до пред 2 години, и мислам дека нивото на надеж е подигнато кај општата популација“ – рече Александар Цветкоски, претседател на АГТИС.
Борче Давитковски, Сашо Орданоски, Ана Павловска-Данева, Никола Попоски
Професорот Борче Давитковски заклучи дека бирократијата најтешко се реформира и дека тоа не може да се реализира без цврста волја за реформи и без промена на сфаќањата за она што навистина преставува реформата.
„Рамниот данок треба да се напушти, бидејќи ги крати буџетските приходи и го продлабочува проблемот со растечките социјални разлики. Перспективите во даночната политика се прилично нејасни, бидејки 25 години наназад моделот на оданочување го менуваме во просек на секои пет години. Даночните обврзници се несигурни во системот, дали стапката ќе биде прогресивна или пропорционална и затоа неопходно е даночната политика да се стабилизира и да се внесе поголема сигурност“ – вели проф. д-р Никола Поповски.
„Ветинг на судиите, односно оценката на судиите дали заслужиле да си ја задржат судиската тога, не бил дозволен од меѓународниот фактор, тврди професорката Данева. Идејата за ветинг на полициските службеници – најавена од министерот Спасовски е следна работа за проценка.
Сметам дека таков ветинг и контрола дали повисоките службеници во МВР законски работеле во службата, е потребен и во јавната администрација, затоа што само неколку луѓе работат во цела институција. И таму реформите траат со децении, ама главно се останува на хартија. Секоја реформа е политичка одлука, а експертската јавност може да даде критички осврт за подобрување на реформите“ – додава проф. д-р Ана Павловска-Данева, член на ГРЕКО.
„Дали требаше реформите да бидат вакви? 27 министри, како заложба за мала и ефикасна администрација; дуплирани институции со недефинирани надлежности, судир на ингеренции и преклопување на работата; неоперативност на најважните мониторинг институции; рамковни вработувања за седење дома, земање плати, иако се во странство, а тие, кои се овде можат да бираат каде сакале да работат. Кај нас едно се декларира, друго се прави, од „Рамковниот договор“, до лустрацијата“ – рече професорот Сефер Тахири.
Сефер Тахири
Мери Младеноска запраша дали судиите сакаат да бидат независни? Меѓу другото, таа појаснува дека „немаше од кај нив идеи и иницијативи за решавање на проблемите и обвинувањата кон судството, сите овие години. Потенцијалот на обвинителите и судиите не гарантира дека оваа состојба може да се подобри. Со минатите реформи се усвои решение тие да бидат основа на Судскиот Совет и гледаме дека ваквото решение не даде резултати. Само ако се направи објективна анализа на работата на судиите тоа е можно, а истото важи и за менување на законите. Со такви податоци, никој не може да се оглуши на оценката на судиите и обвинителите“.
Мери Младеновска, Александар Цветкоски
„Ако се прави ветинг на судии (изјава на албанскиот претседател), треба ветинг и на политичари. За ветингот треба да се видат искуства од странство, но и наши искуства. Таков ветинг имавме деведесеттите (генералниот реизбор на судии), но дали резултатите беа добри?
Кој е системот на следење на успехот на плановите и стратегиите? И во стратегијата за реформа на Јавната администрација и во таа за судството, тој сегмент за следење на успехот е доста оскуден. Тоа создава ризик да донесе и пропусти и грешки. Така се вели дека 85% од претходната стратегија била спроведена. Како се дошло до тој процент – одговор нема. Целите не се остварени ни во една од нив, а остварувања во проценти колку сакаш. Тоа е паушално мерење на успехот на реформите. Проблематично е што е премиерот на чело на тие совети, а треба да се мери успех. Треба нови начини на мерење на успешноста на реформите и квантитативно и квалитативно (како што е задоволството на корисниците од услугите на јавната администрација). Има модели од странство за квалитетот на судските одлуки“- порачува Александар Николов, Асоцијација ЗЕНИТ.
„Во Р. Македонија на сите реформски процеси во правосудството се пристапува неодговорно, генерално, затоа што најпрво не се прават емпириски истражувања на секторот што треба да биде реформиран и наместо тоа, се земаат готови решенија од други држави кои се често пати неприменливи на менталитетот и на средината во која што живееме. Секоја реформа треба да биде ускладена со општествената клима, и затоа, не случајно, и АГТИС ги става реформите во самиот општествен контекст. Сметав дека најбитната работа во реформите е легислативата која ќе биде донесена, но после искуството видов дека проблемот е во имплементацијата. Треба една целокупна општествена реакција во смисла на зголемување на системот на вредности, департизација како предуслов и воведување на критериуми на стручност, компетентност, воведување на етички, морални кодекси во институциите, санкционирање на оние кои што ги прекршуваат тие етички и морални кодекси“ – порачува Саша Ѓорѓевиќ.
Александар Николов, Саша Ѓорѓевиќ, Паре Зареска
„Во процес на реформи сме со децении. Не само законите да се реформираат, треба да се реформира начинот на кој тие се применуваат. Како што е берзата показател и на економијата, но и на политиката, показател на успешноста се големите случаи, кои се водат во судовите од страна на СЈО и случајот со 27 – ми Април. Тоа е проверка на успешноста на реформите. Дали самите судии сакаат да бидат независни. Тоа е тест. Овие случаи се тој тест. Сега се судовите послободни да го „решат тој тест“. И сегашни министри се осомничени лица, па нема да им биде лесно. Кога премиерот говореше за помирување, сите слушнаа „амнестија“, за „помилување“. Тоа би значело дека, ако премиерот сака, тоа ќе се случи, иако тој нема никаква надлежност за тоа. Ако има независно судство, тоа не може лесно да се направи. Треба обвинителот да се повлече од обвиненијата, што не е лесно. Тоа говори за менталитетот, кој е оформен и што очекуваат пратениците, судиите, граѓаните. Тој менталитет може да се смени само ако институциите делуваат спрема своите компетенции. Не зависат сите работи од еден човек, како што беше минатите 11 години. Тоа е тестот на реформите. Така ќе знаеме дали реформите на правосудството успеваат“ – кажува Беса Арифи.
Наташа Габер-Дамјановска, Сефер Тахири, Беса Арифи, Вања Михајлова
„Нашиот Уставен суд не беше вклучен во стратегијата за реформи на правосудниот сектор, прво постоеше, а потоа беше тргнат, јас сфаќам дека тоа е заради специфичната улога и позиција која што Уставниот суд ја има кај нас, дека е независно, посебно тело, од онаа хиерархиска поставеност на другиот судски систем во Р. Македонија, но сепак сеуште сметам дека треба да претрпи сериозни реформски промени. Освен уставните промени, треба да се донесе и нов деловник на Уставниот суд кој ќе биде современ и оперативно многу внимателно и прецизно ќе ги разработи сите оние димензии на работењето на уставниот суд. За жал, тоа не е така денес, деловникот датира од 91 година. Инаку знаеме дека Уставниот суд кај нас е институција со традиција, таа постоеше и во социјалистичко време, преку 50 години постои, но овој деловник врз која што база актуелно Уставниот суд работи е од 91 година“ – истакнува проф. д-р Наташа Габер-Дамјановска.
„Денес добивам силен впечаток дека нашето општество е општество на аматери, базрано на аматеризам а не на професионализам. Ова е една голема вистина веќе 30 години, а мислам и дека ќе не следи и по зачленувањетона Македонија во ЕУ. Како поинакво да го протолкуваме ова трик прашање на истражувачите, во кое што може да се забележи дека 302, или најголем дел од луѓето, одговориле дека слушнале за планот 3-6-9, а од друга страна, 299 слушнале за работи кои што не постојат. Значи, секаде ние потфрламе да се посветиме вистински на она што е нашата работа, и тоа се огледува и во јавната администрација, и во државните служби, но и во НВО секторот. Ни тука работите не цветаат, затоа што повеќе очекуваме да ни ги сервираат работите на тацна, отколку самите да произведеме нешто што може да биде соодветно применливо и во Р. Македонија“ – заклучува професор Никола Дујовски.
Никола Дујовски
„Треба да и се честита на оваа Влада што во сите закони вклучува и експерти и невладин живот. Јас сум еден од експертите вклучена во законот за спречување на корупција, а вклучена е и платформата на НВОи, кои со свои претставници учествуваа во работните групи кои дадоа забелешки пред законот да оди на усвојување во Влада. Колку за информација, во 2002 кога за прв пат е донесен законот за спречување на корупција, ние бевме први во регионот, потоа Словенија го копираше нашиот закон, потоа и други земји, а после тоа, цело време се носеја нови закони усогласени со европското законодавство, додека пак, кај нас се правеа некои „шминки“, а во законот останаа истите критериуми“ – посочува Вања Михајлова, експерт за антикорупција.
„Веројано за ваков панел од 3 часа, можеби како втор дел од оваа расправа треба да направиме и со анкетираните граѓани, бидејќи македонската јавност имаат исклучително високо авторитарно ниво на свест, подлежуваат на мешање на политиката во се, бараат цврста рака, бараат одговорност без демократски процес, бараат вработување и очекуваат државата да им ги реши сите проблеми. Македонската јавност во униформираниот дел од државата секогаш има најголема доверба, тоа значи, од попови до полицајци, и кога ќе ги споредите нив, ние имаме само една среќна околност за нашата јавност, а тоа е нешто што се вика активност на социјални ставови. Овој експертски состав не го одразува тој дел од јавноста, и трагедијата е тоа што кога ќе ги погледнете истражувањата на младите генерации, фрапантно е тоа што сите имаме можност да видеме дека 35 годишни луѓе на високи позици масовно се залагаат за ставање на луѓе во ендеци, заглавување на лифтови итн. Колку што имаме проблем со експертскиот и политичкиот дел како се прават реформите, толку имаме проблем со една поширока политичка култура и менталитет“ – потенцира Сашо Орданоски.
Целосниот експертски панел можете да го погледнете овде.
You must be logged in to post a comment.