Игор „не го шминка“ насилството

Новости Обуки

Дефинирајќи го семејното насилство според Кривичниот законик на Република Македонија, под него се подразбира малтретирање, грубо навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв спрема брачен другар, родители или деца или други лица што живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема поранешен брачен другар или лица што се наоѓаат во блиски лични односи.

Според статистиките на МВР и Министерство за труд и социјална работа, минатата година речиси по 100 жени секој месец биле жртви на семејно насилство во земјава. Колку и да звучи застрашувачки оваа бројка, уште позастрашувачки е тоа што Хелсиншкиот комитет предупредува дека само мал број од жртвите го пријавуваат насилството. Статистиките покажуваат дека се потребни итни кампањи за подигање на свеста за токсичното влијание од насилството, за поддршката која им ја нудат сервисите за поддршка на жртви од родово базирано насилство, како и за превенција, бидејќи наша крајна цел е трајно да ги искорениме овие појави од општеството.

Игор Петрески работи професионално со шминка во Театарот за деца и младинци.

Го прашавме неколку прашања за да ви откриеме како со шминка придонел за кампања против насилство врз жените.

1. Како започна да се занимаваш со шминкерство и каде можеме да видеме твои дела, затоа што активно се вклучуваш и во филмски проекти?

„Со шминка почнав да се занимавам пред 16 години, ме интересираше естетиката и специјалните ефекти, напорно работев за да стигнам овде каде што сум денес. Последните филмови на кои што работев се во постпродукција, но моментално работам и на серија на албански јазик“ – кажува Игор.

2. Што те натера на твојата иницијатива за кампањата „Стоп против насилство врз жените“?

„За жал, има жени кои што шминката ја користат за прикривање на модриците и слично. Кампањата е пред неколку години, а јас бев задолжен само за шминката (специјални ефекти)“ – вели тој.

Игор се сложи со нас дека шминката се користи за да се истакнат добрите црти, но и за да се сокријат недостатоците и нажалост, трагите на насилство. Тој го направи спротивното. Тој ја покажа вистинската реалност.  

3. Кој ти помага? Дали медиумите и невладините го препознаа твојот потенцијал како и потребата за кампањата за кревање на јавната свест?

„Сам сум во целава приказна, по потреба имам и асистенти, инаку ангажманите ги добивам откако луѓето (клиентите) ќе ги видат моите дела на интернет, и многу често се случува истите тие задоволни од мојата работа да ме препорачуваат и за други снимања“ – објаснува Игор. 

Ние му посакуваме уште повеќе ангажмани и уште повеќе социјално одговорни проекти. Стилот на нашата организација е препознатлив по користењето на хумор, сатира и социјално ангажираната уметност. Ќе се сложите со нас кога ќе речеме дека најсилен адут е Уметноста, затоа што со неа го претставуваме непретставливото.

4. Не е само насилството проблем. Жените се соочуваат и со дискриминација, со неплатена работа, со прекршување на посебни женски права на работа итн. Бидејќи имаш близок контакт во театарот, што би рекол, колку децата и младите се свесни за предизвиците со кои се соочуваат жените?

„Во театарот за деца и младинци јас работам со актерите, додека децата ни се само публика, така што немам директен контакт со нив, но убеден сум дека новите генерации што доаѓаат ќе бидат свесни за родовата еднаквост во сите сфери на општеството“ – завршува Игор.

Игор се сложи со нас дека половина од светот припаѓа на жените и дека дефинитивно за подобар свет мора да се бориме за правата и заштитата на сите подеднакво. Не може да одиме напред, ако половина од нас се назад.

Ова интервју е дел од проектот „Родово сензитивна агенда преку Отворена ТВ“, кој го спроведува АГТИС, поддржан од ЕИЖ, Омиш, Хрватска.