Што е јавен интерес?
Прашања или политики кои влијаат на мнозинството луѓе во едно општество кои опфаќааат области од различни сфери од општеството и човековиот живот, меѓу кои се човековите права и безбедност, економскиот раст, животниот и економскиот стандард, религиозните вредности итн.
Делувањето „во име“ на јавниот интерес многупати е сведено на зборови и на теорија, а праксата на имплементирање политики кои навистина се од јавен интерес заостанува. Политичките гарнитури многу вешто ги претставуваат своите одлуки и политики како да се од највисок јавен интерес без поголемо објаснување.
Во услови на криза, како што е сегашната пандемија, вестите народот ги прима мошне интензивно, со висок интерес.
Оваа висока сензитивност на вести, во услови на недоверба во институциите (мерењата од крајот на 2019 година тоа го покажаа и скоро се исти со оние во февруари 2017 година), може да биде терен за неодговорни толкувања на вестите со пандемијата, политизирани изјави и сеење сомнежи во постапките на здравствените и другите власти, но и извор на манипулација. Оваа зголемена сензитивност на вести има и свои психолошки извори, на кои делува и самиот начин на живот во изолација и самоизолација, кој доведува до зголемено конфликтно ниво и на семејно и на општествено ниво. Погодувате, политичкото ниво е исплетено во сите нив.
„Јавните претстави“, кои се продуцираат низ медиумите сега повеќе од било кога се достапни за целото население и граѓаните мора да станат посвесни за сите димензии на оваа криза и на тој начин да станат поспособни да ги анализираат вестите – кои им се сетираат и да ги проценуваат постапките на властите и политичките партии, во тоа светло.
Но, се забележува дека постојат значајни разлики во објавите во различни медиуми и портали, квази медиуми и квази портали кои се придружени со селективност при известувањето.
За медиумски писмена личност не е тешко да забележи и непочитување на основните стандарди за професионално и етичко известување. Наивно е да се мисли дека сите новинари имаат слобода да објавуваат вести кои нема да им одат во прилог на политичката гарнитура на која и се додворуваат или со која имаат било каква бизнис релација. Многу често не може да се направи разлика дали медиумот е јавен сервис или Пи-ар!
Каде е границата на заштита на јавен интерес кога има криза, вонредна состојба, а и концентрација на моќта?
Наши истражувања покажуваат дека одредени медиумски содржини не го штитат јавниот интерес, туку се пример за тенденциозно селективно и непрофесионално манипулирање.
Напис 1
Лидер – Македонија е на прво место на црната листа на починати од коронавирус на милион жители
Линк до оригинален напис: https://lider.com.mk/makedonija/makedonija-e-na-prvo-mesto-na-crnata-lista-na-pochinati-od-koronavirus-na-milion-ziteli/
Датум на објавување: 08.04.2020
Датум на рецензирање: 14.04.2020
Оваа медиумска содржина не е потпишана од автор. Текстот кој за извор го посочува еxpres.mk кажува дека,
„Македонија е неславното прво место на црната листа на починати од коронавирусот на милион жители. На листата на која се наоѓаат земјите од регионот кои имаат слични здравствени системи, правила и традиции Македонија е на неславното прво место со 12 мртви на милион жители“.
Како поткрепа и сликовит приказ на ова е објавен инфографик чиј извор како што кажуваат од Лидер, се активисти на социјалните мрежи чиј идентитет е анонимен.
Меѓутоа, регионот Балкански полуостров не го сочинуваат само земјите кои што се вклучени во инфографикот. Според Википедија и енциклопедија Британика:
Држави кои се целосно на Балканскиот Полуостров:
Држави кои во поголем дел се на Балканскиот Полуостров:
- Србија – од Јужна Србија до Белград или 73%
- Хрватска – 49% од вкупната територија
- Словенија – 27% од вкупната територија.
Намерното изоставување на Словенија ја категоризира нашата земја според овој напис да биде земјата со најмногу починати на 1 милион жители. Ако листата беше сеопфатна, Македонија ќе се најдеше на второто место.
Ваквата селекција и шокантни написи предизвикуваат паника кај населението и несомнено го поткопуваат кредибилитетот во институциите кои се справуваат со коронавирусот, кој и онака е на ниско ниво, а сето ова се прави со цел собирање на политички поени.
Последиците од вирусот зависат од цела низа фактори – возраст, пол и општото здравје, како и здравствениот систем на земјата. Стапката на смртност преставува сооднос меѓу бројот на смртни случаи и бројот на регистрирани заболени.
Свесното селектирање на информации креира лоша атмосфера и слика за состојбата, а написот завршува и со заклучок за црни сценарија за кои нема аргументација и зависат од многу варијабли.
Имено, написот вели дека,
„Доколку се пресметува реалниот број на жители кој во последниве 18 години е драматично намален извесно е дека бројот на мртви на милион жители во Македонија ќе биде уште покатастрофален.“
Повикуваме новинарите да го почитуваат Кодексот на новинарите и членот 13:
„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.“
Од Министерството за здравство сооштија дека:
„Со оглед на тоа што во изминативе денови, неколку медиуми први информираат за статистиката на денот ги замолуваме сите медиуми – да се држат исклучиво до официјалните информации кои излегуваат од релевантните институции наместо да користат лични контакти за информирање. Состојбата во државата е вонредна и овие моменти не би требало да се користат за ексклузивитет – затоа што податоците може да бидат неточни, но и податоци без детална информација предизвикуваат страв и паника кај семејствата кои се лекуваат од КОВИД-19 на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, како и во останатите јавно-здравствени установи. Апелираме на солидарност и грижа во овие моменти. Ве замолуваме за известувањето во однос на состојбата со пациентите да се информирате исклучиво од Министерството за здравство.“
Јавно искажаниот збор е одговорна работа. Во интервју за Радио „Пела“ (кое е во склоп на проектот во кој и овој напис е изработен), Зоран Милошески советник во одделението за односи со јавност при ЛС Општина Прилеп, порачува
„За сите ние кои го креираме јавното мислење, во услови на криза, границата треба да биде поместена малку погоре и прагот на толеранција треба да биде повисок. Ова се сензитивни времиња, кога секој искажан збор има своја тежина. Јавен интерес е кога застанувате на патот на ширењето на дезинформации, кога ги замолчувате оние кои свесно или од незнаење креираат лоша атмосфера, намерно или од незнаење креираат грешна слика за состојбите“ .
You must be logged in to post a comment.