Приказни за мали деца

Е-услуга Новости

Имаше ситуација порано кога институциите имаа „закоравено срце“: ќе те слушнат, но ќе ти речат дека „немаш законско право за тоа што бараш“, колку и да ти е потребно.

Сега е ситуацијата поинаква: институциите немаат веќе тврдо закоравено срце, туку „закоравен слух“ и не слушаат, туку мислат дека е доволно она што го кажуваат тие. Сите бараат фит – бек или повратно мислење, но не го слушаат.

Институциите можеа да ги подобрат е – услугите одамна, ама …

Но, да ја оставиме шегата (која воопшто не е шега) настрана, да кажеме дека е – услугите и дигиталната писменост на граѓаните се голем притисок врз општините и нивната јавна администрација, но и врз другите институции. Добар дел од партиите сватија дека незадоволството на граѓанинот од услугите на јавната администрација може да „удри“ по рејтингот, па сега или пробуваат да ги подобрат услугите, или (за жал) им се чини поисплатливо да „раскажуваат приказни“ за лошите услуги и да подлажуваат дека имаат – нешто што немаат.

Администрацијата си е администрација, со сите можни проблеми, кои (во најголем дел) самите вработени во администрацијата не можат да ги променат. На пример: кадарот!!! Кадарот старее, а постарите службеници/ки не се обучени за понапредно ИТ работење, нели? А младите службеници? Тие или ги немаат правните вештини на постарите колеги и работното искуство, или (едноставно) не се примени во администрацијата да работат, туку да земаат плата. И нивните шефови се партиски кадри, нели? Постариот службеник може и да се пензионира без „да го предаде“ знаењето на помладите колеги, што е се почест случај.

Некаков спас од овој „затворен круг“?

Само јавен притисок и дигитално описменување на граѓаните за доследно почитување на законите за работа на администрацијата, каде се точно пропишани рокови за секоја постапка, но и граѓанско учење на сопствените права пред органите на власта. Тоа води до поврзување на партискиот рејтинг (граѓанското задоволство или незадоволство од услугите) со прашањето дали функционерите „се занишале“ и ја притиснале администрацијата да не им прави негативни кампањи со своето слабо, недоследно или незаконско работење или пак не им е грижа за тоа?