Работилница на ГО за вмрежување во локален центар за поддршка и промовирање на Дигитална Агенда

Е-услуга

На 12 февруари 2021 година, тимот на АГТИС заедно со претставници на поголем број граѓански организации од Прилеп и регионот реализираа работилница за вмрежување на ГО.

Цели на настанот се градењето на капацитет за граѓанско застапување за подобрување на отворените податоци и е-услуги и промовирање на дигиталната агенда и координација за заеднички стандарди за е-услуги.

Воедно, беше промовиран и локалниот центар за поддршка на владата за е-услуги кој ќе функционира во склоп на АГТИС, а сите поканети претставници на граѓанските организации имаат отворена покана за приклучување во центарот со цел да допринесат кон поефективно давање на услуги кон граѓаните.

Работилницата е дел од проектот „Е-услуга како самопослуга“ во кој активностите се осмислени според СВОТ анализа на ризици и можности. Активноста за вмрежување на ГО претставува искрен заеднички пристап, бидејќи чувството за конкурентност помеѓу локалните ГО е огромно, што би се одразило на довербата во воспоставувањето на ваков центар, односно наместо поддршка пред институционални чинители, нашите активности би биле или блокирани или нема да имаме заеднички цели на ГО.

Претставниците од регионот посебно ја поздравија иницијативата за локално и регионално вмрежување во еден центар за поддршка бидејќи соработката е нешто коешто секогаш недостасува во внатрешноста. Од една страна, капацитетите на организациите се лимитирани, а од друга страна, менталниот склоп кој не дозволува да се излезе од рамката на „конкурентност – а не соработник“ често претставуваат причина за слабата соработка и немањето добра волја за да се променат работите и да се придвижат кон подобро.

Овој ризик проектот го надминува преку споделувањето на чувството за сопственост на проектот од други граѓански организации, што е клучно за понатамошна одржливост на проектот преку заеднички притисок врз институционалните претставници за подобро испорачување на услугите.

Услуги за кои ќе се нуди поддршка во цнетарот:

  • 1. „Мој ДДВ“;
  • 2. Е – даночни барања;
  • 3. Административни услуги за граѓаните достапни на „Е-Услуги“
  • 4. Апликација (жалба) до Државниот пазарен инспекторат за кршење на правата на потрошувачите;
  • 5. Локални е-услуги што се нудат во општините;
  • 6. Е-банкарство.

Присутните на работилницата учествуваа во насочена дискусија на следните прашања:

  • Колку сте задоволни од услугите на јавните институции?
  • Дали сметате дека при приемот на услугата, сите граѓани се третираат еднакво од институцијата?
  • Што мислите за нивото на доверба на граѓаните во јавните институции?
  • Дали сте информирани за достапноста на е-услугите на порталот www.uslugi.gov.mk? Ако да, дали сте користеле некоја услуга и како беше искуството?
  • Дали претпочитате електронска или шалтерска услуга? Наведете ги вашите аргументи за или против.
  • Дали дигитализацијата на услуги би ги намалила штетните коруптивни практики?
  • Дали сметате дека ќе се зголеми отвореноста и транспарентноста на општините со дигиталната трансформација?
  • Дали верувате дека унапредувањето на дигиталната агенда ќе го поттикне локалниот социо-економски развој?

Проектот „Е-услуга како самопослуга” го спроведува АГТИС во рамките на проектот финансиран од Европската Унија „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА”, спроведуван од Фондацијата Метаморфозис и партнерите.