Работилници за електронски услуги

Е-услуга

Кон крајот од јануари, тимот на АГТИС заедно со претставници од Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) организираше онлајн работилници за градење на капацитетот за е-услуги.

Работилниците имаа за цел градење на капацитетот за граѓанско застапување за подобрување на отворените податоци и е-услуги, како и трансфер на знаење за отворени податоци, правни работи, финансиски процедури и закони кои се релевантни за исполнување на е-услугите.

Заклучокот на учесниците беше дека најголем приоритет е функционален систем на којшто со една најава, граѓаните и фирмите на РСМ ќе имаат пристап до сите услуги од сите институции.

На работилниците главен акцент беше ставен на националниот портал „Е-услуги“ кој е достапен на следниот линк: www.uslugi.gov.mk. Националниот портал за е-услуги е електронска платформа преку која на граѓаните на РСМ им се овозможува да добијат информации за јавните услуги и да користат е-услуги од надлежни органи и други субјекти кои даваат е-услуги преку Порталот.

Претставниците од МИОА го претставија акциониот план и методологијата кои се користеле при изработувањето на овој национален портал и го претстави „Каталогот на услуги“ кој ги содржи сите услуги кои се достапни на порталот. Каталогот на услуги е електронска база во која на структуриран начин се внесуваат и управуваат податоците за сите јавни услуги, како: основни податоци, рокови, плаќања, надлежни органи, законски основи, правни лекови, припадност на категорија и животен настан, или според азбучен ред.

До моментот на пишување на овој напис, на порталот се достапни 789 УСЛУГИ од 1288 ИНСТИТУЦИИ, а се регистрирани 30830 КОРИСНИЦИ. Бројот на целосно електронски услуги изнесува 150.

Како функционира националниот портал?

За да се регистрирате на порталот потребно е да бидете „електронски идентификувани“. Ова значи дека треба да имате eID профил. Така, секој граѓанин само еден единствен пат ќе треба да ги провери и одобри своите податоци, кои се потврдуваат во  Регистарот на население. Сите граѓани кои имаат активна корисничка сметка во УЈП, веќе имаат активен eID профил, односно можат да се најават на профилот, користејќи ги корисничкото име и лозинката од УЈП.

Проектот „Е-услуга како самопослуга” го спроведува АГТИС во рамките на проектот финансиран од Европската Унија „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА”, спроведуван од Фондацијата Метаморфозис и партнерите.