Технологијата напредува со голема брзина,
со што дигитализацијата е неопходна
за да се опстане во денешниот свет –
таа веќе не е опција туку е неопходна потреба.
Информациите зa голем број на услуги од институциите и на централната, и на локалната самоуправа сега можат да се најдат на едно место. На едно место – сите услуги од сите закони, едноставно напишани и достапни на граѓаните за да се информираат кои се нивните права, кои документи треба да се достават, кои се роковите, колку чини услугата, каде да се поднесе барање или жалба итн. Достапни на едноставен начин цело време – електронски, без лутање од шалтер до шалтер и без пребарување низ десетици веб страни.
На 16.12.2019 година беше пуштен во употреба националниот портал „Услуги“, достапен на линкот www.uslugi.gov.mk. Порталот е достапен преку десктоп компјутер, лаптоп, мобилен или таблет на 3 јазици: македонски, англиски и албански јазик.
Целта на овој портал е преку систем со една најава, граѓаните и фирмите на РСМ да имаат пристап до сите услуги од сите институции.
Порталот е воспоставен и управуван од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). За содржината на информациите за одредена услуга, како и за давањето на самите е-услуги, одговорен е исклучиво надлежниот орган или друг субјект – давател на услугата.
СТРУКТУРА НА ПОРТАЛОТ
Порталот се состои од јавен дел и приватен дел.
1. Јавен дел
Јавниот дел е достапен за сите посетители, без потреба од каква било најава или идентификација. Во јавниот дел се објавени податоци за услугите кои ги даваат надлежните органи и другите субјекти – даватели на услуги. За секоја од услугите се достапни следните податоци: основни информации, надлежни органи, обрасци, поднесоци, услови, докази, рокови, информации за плаќање, законска регулатива и други.
2. Приватен дел
Приватниот дел е достапен само за регистрирани и идентификувани на корисници. Овој дел се користи за:
поднесување на барање во електронска форма за добивање на одредена е-услуга;
поднесување на докази, според пропишани критериуми;
плаќање на надоместок и административна такса за е-услугата;
следење на статусот на постапката согласно максималниот дозволениот степен на увид обезбеден од Надлежниот орган;
добивање на одговор на барањето; и добивање на e-услугата.
КАТАЛОГ НА УСЛУГИ
Каталогот на услуги е електронска база во која на структуриран начин се внесуваат и управуваат податоците за сите јавни услуги, како: основни податоци, рокови, плаќања, надлежни органи, законски основи, правни лекови, припадност на категорија и животен настан, или според азбучен ред.. Бројот на објавени услуги до јануари 2020 е вкупно 707, од кои 127 се достапни целосно електронски. Сите услуги кои се достапни за завршување како е-услуги се означени со специјален „е“ знак. Овие услуги можете брзо да ги пребарате на овој линк.
Услуги според припадност на категорија
Услуги според животен настан
КАКО ДА ГО КОРИСТИТЕ ПОРТАЛОТ?
За да се регистрирате на порталот потребно е да бидете „електронски идентификувани“. Ова значи дека треба да имате eID профил. Така, секој граѓанин само еден единствен пат ќе треба да ги провери и одобри своите податоци, кои се потврдуваат во Регистарот на население. Сите граѓани кои имаат активна корисничка сметка во УЈП, веќе имаат активен eID профил, односно можат да се најават на профилот, користејќи ги корисничкото име и лозинката од УЈП
При процесот на регистрација, eID профилот се поврзува со идентитетот на граѓанинот еднократно. Поврзувањето се прави со лично присуство и проверка на личните податоци, со помош на документи за лична идентификација, и со потврда во Централниот Регистар на Население (ЦРН). Во процесот на регистрација се врши проверка на физичкиот идентитет на корисникот со документ за лична идентификација, се бара потврда на е-маил адресата и се врши проверка дека внесените податоци постојат во ЦРН. По успешното завршување на овие проверки, во ЦРН се генерира и запишува Единствен Електронски Број на Граѓанинот (ЕЕБГ), составен од десет цифри. При секоја најава со eID, од Централниот регистар на население се обезбедуваат следните ваши податоци: име, презиме, ЕМБГ, датум на раѓање, пол и адреса на живеење (населено место, улица и број), кои понатаму се користат за полесно аплицирање за е-услуги на Националниот портал за е-услуги.
Сите граѓани можат да се регистрираат бесплатно на следниов линк >
Нивоа на eID и пристап
За секоја од достапните е-услуги е потребно одредено ниво на eID профил, кое е означено на јавниот дел на Порталот. Нивоата на eID се однесуваат на нивоата на веродостојност на потврдата на електронската идентификација во процесот на регистрација и најава. СЕН ги поддржува следните нивоа на eID:
- Основен кориснички профил – корисничко име и лозинка
- Ниско ниво на eID – корисничко име и лозинка
- Високо ниво на eID – корисничко име, лозинка и сертификат за дигитално потпишување
За да можете да добиете една е-услуга, потребно е да имате eID најмалку на нивото со кое што таа услуга е означена на јавниот дел на Порталот.
Основен кориснички профил
Основен кориснички профил подразбира дека во процесот на регистрација не е проверен и потврден вашиот физички идентитет. Во процесот на регистрација единствено се потврдува дека имате пристап до внесената e-mail адреса. Со основниот кориснички профил може да аплицирате за е-услуги каде што не е потребно да биде познат идентитетот на апликантот. Најавата со основен кориснички профил подразбира автентикација со корисничко име и лозинка.
Ниско ниво на eID
Ниско ниво на eID подразбира дека во процесот на регистрација во одреден момент бил проверен и потврден физичкиот идентитет со ваше лично присуство, со приложување на важечки документ за лична идентификација и со дополнителна проверка и потврда на вашите податоци во Централниот регистар на население (ЦРН). Врз основа на вашиот потврден физички идентитет, се креира вашиот eID на ниско ниво. Најавата со ниско ниво на eID профил подразбира автентикација со корисничко име и лозинка. Ваквата најава се смета дека има ниско ниво на веродостојност бидејќи постои одредена веројатност некој да го открие вашето корисничко име и лозинка.
Високо ниво на eID
Високо ниво на eID подразбира дека во процесот на регистрација се исполнети сите предуслови потребни за добивање на eID на ниско ниво, а дополнително при регистрацијата е приложен валиден дигитален сертификат издаден од издавач на сертификати регистрирани во Регистарот на издавачи на сертификати во Република Северна Македонија (Регистар на издавачи на сертификати). Најавата со високо ниво на eID профил подразбира автентикација со сертификат за дигитално потпишување. Ваквата најава се смета дека има високо ниво на веродостојност бидејќи е потребно физички да го поседувате уредот и да го знаете вашиот ПИН, со што значително се намалува веројатноста некој да се најави со Вашиот eID. Доколку сте се регистрирале со eID на високо ниво, може да се најавувате и со ниско ниво на eID на ниско ниво, без дигитален сертификат.
Проектот „Е-услуга како самопослуга” го спроведува АГТИС во рамките на проектот финансиран од Европската Унија „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА”, спроведуван од Фондацијата Метаморфозис и партнерите.
You must be logged in to post a comment.