ИТ писменоста е вештина – како и секоја друга, што значи дека треба да ја вежбаме и нема никаква врска со нашето убедување „не ми е мене дојдено до 10 денари“. Не се работи за 10 денари (меѓу нас кажано, многу повеќе се), туку за нашиот однос кон мерките на нашата држава.
Работата е „тие и ние“! „ТИЕ знаат, а дали „НИЕ“ знаеме?
Имено, со државата не е никогаш лесно. Нејзе треба да ѝ докажуваме постојано дека сме писмени и се трудиме. Така, ако видат дека нема интерес, тие ќе си речат „народот не знае“ и ќе осмисли мерки, кои се далеку под нашето ниво. Значи, на државата мораме да ѝ го претставиме нашето ниво, за да бараме повеќе.
Второ, на институциите им покажуваме дека ги следиме во нивните мерки и намери, а со тоа не им даваме „да се опуштат“. Користењето е – услуги, скенирањето сметки и други „е – активности“, на државата ѝ даваат увид во нашиот капацитет. Ако „НИЕ“ покажеме повисок капацитет и „ТИЕ“ ќе мораат на тоа да одговорат.
УЈП е „последна линија на одбраната“ на државата: Нема пари – нема држава. Затоа и мораа да ја реформираат, па УЈП започна мошне напредни мерки за финансиска дисциплина во државата. Така, УЈП од „администрација“ се претвори во европска администрација. Кога е земањето пари во прашање, не сме лоши, не? Други би рекле, „сѐ се може, ако се сака“.
УЈП воведе задолжително електронско самооданочување на граѓаните и фирмите и (верувале или не) над 98% од даноците – кои ги плаќаме, сами сѝ ги одредуваме со нашата годишна пријава (одиш на https://etax-fl.ujp.gov.mk/, куцаш корисничко име и лозинка – кои ги добиваш при самата регистрација и таму најдуваш податоци, упатства, даночни пријави, барања, извештаи, биланси. Ако нешто не е јасно, имаш “Упатството за регистрација и користење на е-Даноци”). При самата регистрација, системот на УЈП ве води чекор по чекор, како и кои податоци да ги пополните за да станете корисник. Да си тумрук, пак ќе успееш, оти е „боза лесно“.
Не е исплатливо да криеш персонален данок, кога е низок и кога е многу лесно да пријавиш и да платиш.
Еве вака. Граѓаните плаќаат персонален данок на доход, што значи, државата ви бара да платите 10% од сите приходи, кои сте ги имале таа година. Тука се и плати и приход од кирии и ако сте продале нешто подвижно (како на пример уметничка слика, некоја старина, отпадно железо…), ако сте дале нива под кирија, ако сте продале печурки, глогинки, бобинки, сено, млеко, јајца и други земјоделски производи или едноставно, сте сработиле нешто – за некого, а тој ви платил. Правило е дека, тој што ви префрла хонорар или плата, тој го плаќа данокот за вас (да не го плател данокот, требало да ви ја зголеми платата за 10%, па потоа вие да си ги платите тие 10% на државата). Навистина, Македонија има една од најниските персонални даноци во светот (само 10%), додека на „западот“ дерат од 25% до 60% за некои дејности, затоа што кај нив сите не плаќаат ист данок. Главно, таму средно земаат околу 1/3 од вашите приходи, ако си побогат – повисок процент, ако си сиромашен – нема данок, а може и да ви придадат пари од социјалното.
Што им треба на УЈП да враќа пари на потрошувачите, нели УЈП ја знае само таблицата за собирање и множење, а не за делење?
Како што сака да сѝ го собере данокот, УЈП мора и да обезбеди почитување на закон. Инспекциите се само една од работите за законитост. Затоа, УЈП измислило „враќање на дел од ДДВ – то“, кое го плаќате со секое купување. Погодувате, штом откуцаат на фискална, државата одма сѝ ги зема тие ? денари (на храната е ДДВ – то е 5%). Ако купите машина за перење, данокот е 18%, па на 20.000 денари, тоа е „машала“ пара. Не бидете наивни, тоа не го плаќа трговецот, туку вие, но вие не го гледате, оти е скриено во цената.
Е, токму затоа, државата сака да врати дел од тоа ДДВ на потрошувачот и не мислете дека се наивни што така прават. Мислите дека многу ве сакаат? Тие сакаат вие да барате фискална сметка од продавачот, оти тој, без фискална сметка, може да не ја пријави продажбата на таа машина за перење и данокот од 3.500 денари, кои треба да ги даде на државата, ќе си ги пикне во џебот. Повеќе сакате тие пари да ги зема државата или продавачот? Со скенирање сметки продавачите ги научивме дека МУШТЕРИЈАТА БАРА ФИСКАЛНА СМЕТКА, оти ќе сѝ ја скенира и ќе си добие назад 525 денари, а продавачот нема да може вашиот данок да си го стави во џебот. Добар дил и за државата и за вас.
Ако не скенирате сметки, продавачите ќе почнат да не ги издаваат, УЈП ќе биде „во минус“….!!!
Видео – Мој данок моја заштеда
Проектот „Е-услуга како самопослуга” го спроведува АГТИС во рамките на проектот финансиран од Европската Унија „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА”, спроведуван од Фондацијата Метаморфозис и партнерите.
You must be logged in to post a comment.