Најновата ревизија на Државниот завод за ревизија уште еднаш ја потврдува важноста од ефикасно управување со локалните приходи. Според извештајот, општините во државата во периодот 2020–2024 година акумулирале 2,934 милијарди денари ненаплатени побарувања по основ на локални даноци, такси и надоместоци, додека повеќе од две третини од ненаплатениот данок на имот се побарувања постари од пет години.
Овие наоди се особено значајни и за општините во Пелагонискиот регион, каде АГТИС веќе шест години континуирано ја следи транспарентноста, отчетноста и доброто управување на локалните самоуправи преку мерења, анализи и јавни извештаи.
Искуството од овие мерења покажува дека транспарентноста и финансиското управување се тесно поврзани. Општина која располага со стабилни сопствени приходи има поголем капацитет за реализација на локални политики, инвестиции и јавни услуги, но и поголема обврска тие средства да ги троши отчетно, транспарентно и во интерес на граѓаните.
Локалните даноци, такси и надоместоци не претставуваат само приход во буџетот. Тие се основа за финансирање на инфраструктурни проекти, одржување на локалната патна мрежа, комуналните услуги, јавната хигиена, уличното осветлување, образованието и други услуги што директно влијаат врз квалитетот на животот.
Ревизијата укажува дека слабостите во законската рамка, неажурираните регистри, недостигот од стручен кадар и недоволното користење на механизмите за наплата го ограничуваат фискалниот капацитет на општините и ја намалуваат нивната финансиска независност.
Во ревизорскиот извештај, Општина Прилеп е вброена меѓу општините со среден фискален капацитет, што укажува дека сопствените приходи имаат значајна улога во функционирањето на локалната самоуправа. Сепак, извештајот не содржи посебни податоци за наплатата или ненаплатените побарувања конкретно за Прилеп.
Како организација која континуирано работи на унапредување на доброто локално владеење, АГТИС смета дека транспарентноста не подразбира само објавување документи и информации, туку и одговорно финансиско управување. Редовната наплата на локалните приходи, јасното информирање на граѓаните за тоа како се трошат јавните средства и отчетноста на институциите се клучни предуслови за градење доверба и за одржлив локален развој.
Наодите од Државниот завод за ревизија претставуваат дополнителен поттик за институциите да работат на подобрување на системот за наплата на локалните приходи, но и за зголемување на транспарентноста и отчетноста во управувањето со јавните финансии – области кои АГТИС континуирано ги следи и оценува во општините од Пелагонискиот регион.

