Дигитална стратегија како основа за нов туристички развој

Новости Проекти

Проектот „TOUR-HUB“ е прекуграничен проект за дигитално унапредување на културното наследство и туризмот, со фокус на заедничко промовирање и развој на туристичките потенцијали во Пелагонија (Северна Македонија) и Регионалната единица Пела во Грција. Проектот се реализира во рамките на програмата Interreg VI-A IPA CBC „Грција – Северна Македонија 2021–2027“ и има за цел да придонесе кон одржлив туристички развој преку современи дигитални алатки.

Проектот опфаќа активности на повеќе локации од двете страни на границата, вклучувајќи ја Општина Новаци во Северна Македонија и Регионалната единица Пела со општините Алмопија и Едеса во Грција.

Во рамки на проектот се предвидува реставрација и дигитализација на културни и туристички локалитети, со примена на VR и AR технологии, дигитални мапи и мобилни туристички водичи. Дополнително, ќе се уредуваат клучни локални точки како споменици од Првата светска војна, музеи, интерактивни центри и информативни киосци.

Проектот вклучува и обуки и активности за зајакнување на капацитетите на локалните чинители во туризмот, како и организирање заеднички прекугранични настани и работилници.

Стратешката подготовка и концептот за дигитализација на туризмот се базираат на подготвителната студија и стратегијата кои ги изработува АГТИС – Прилеп, како експертска организација задолжена за дефинирање на насоките за развој на туристичката понуда во регионот Новаци – Алмопија – Едеса.

Очекуваниот ефект од проектот е подобрување на туристичката инфраструктура и дигиталната видливост на културните ресурси, поттикнување на економски раст и создавање нови можности за вработување во туристичкиот и културниот сектор, како и зголемување на бројот на посетители за околу 5.000 годишно по завршувањето на проектот.

Општина Алмопија, како Водечки корисник, ќе изврши реставрација на клучни споменици од Првата светска војна, ќе дигитализира културни локалитети и туристички патеки, ќе го унапреди Културниот центар „Ксенитидио“ и ќе постави интерактивен инфо-киоск во Термалните бањи Пожар. Општина Едеса ќе воспостави Мултимедијален музеј кој ќе ги комбинира традиционалните поставки со 3D и VR искуства, нудејќи културна содржина и конференциски капацитети. Општина Новаци ќе изврши реставрација на локации од Првата светска војна, како што е Мостот во Зовик, ќе воспостави современ Изложбен центар со VR и AR технологии и ќе дигитализира локални културни знаменитости. Невладината организација СЕМАК ќе се фокусира на обука на локални туристички бизниси, развој на вештини за користење дигитални алатки, еко-туризам и иновации, како и поддршка на прекугранични настани и градење капацитети.