Да ти вражам – да ти кажам

Е-услуга Новости

Нашиот народ многу „верува на збор“, наместо да прочита, повеќе сака да помуабети со „пријател од општина“, отколку да побара каква е процедурата и најмногу од се: Знае како оди работата, оти некој „сигурен човек“ му кажал.

Институциите знаат какви сме ние граѓаните, па не се трудат многу да воведат поефикасни е – услуги, каде нема „пријател“, „човек што знае“ и „верување на збор“. Е – услугата не е шега за општинарите и институциите, кои знаат дека можат „да ги мотаат“ граѓаните, но ако „приказната“ излезе во јавност, ќе мора да престанат. Затоа и немате е – услуга, туку само да си симнете формулар на општинската веб страница и (пак) да си појдете на шалтер. Нели имаше локални избори, нели ветуваа е-услуги, но некако слабо ни оди на граѓаниве да ги прашаат кандидатите: „Дали ќе воведете вистински е – услуги“ или и вие ќе не маткате со години“?

Затоа, институциите, државата и општинарите треба да видат дека граѓаните вршат притисок, ги посетуваат нивните веб страници, оставаат критики, па дури и пишуваат соопштенија до медиумите, се жалат на секое неповолно решение. Поинаку, тоа се нарекува: „Граѓаните зреат“.

Гледајте да не одите по „гаталци“, ниту по „паталци“, туку користете е – услуги, за да видат партиите, и институциите дека граѓаните „узреале“ и бараат ефикасни е – услуги.

За жал, „подмачкувањето“ на администрацијата и функционерите е најзастапено – кај нас и „пријателите“ завршуваат многу „работа“, која ги празни вашите новчаници. Тие знаат дека, кога ќе се воведат е – услугите, „подмачкувањето“ ќе секне. Не ги храбрете со својата пасивност: Користете е – услуги.