Сигурно сте ја слушнале изреката: „Муштеријата е секогаш во право!“
Меѓутоа, оваа изрека не е секогаш точна во реалноста. Ако потрошувачите не си ги знаат своите права, трговците тоа ќе го искористат во нивна корист и на штета на потрошувачот.
КОИ СЕ ПЕТТЕ ОСНОВНИ ПОТРОШУВАЧКИ ПРАВА?
1. Право на информирање и право на едукација
Ова право наметнува обврска за трговците да ни дадат навремени, точни и веродостојни информации за сите аспекти поврзани со производот или услугата за да не бидеме доведени во заблуда и да може да направиме правилен избор на производи и услуги.
Ова право подразбира дека трговецот треба да нѐ информира за:
- цената, составот, начинот на употреба и квалитетот на производите, минималниот гаранциски рок, како и продажните услови;
- главните карактеристики на производот и услугата;
- влијанието на одредени производи врз животната средина и здравјето на луѓето, во согласност со прописите и стандардите, како и за мерките за заштита, преку упатство дадено со производот, истакнато на амбалажата на производот или на друг соодветен начин;
- правото на повлекување во рок од 14 дена од договорите склучени вон деловните простории на трговецот и договорите на далечина и
- потребата за сервисирање, резервни делови, замена или поправка на производ со недостаток, односно враќање на парите;
- Други битни информации за произодите и услугите;
2. Право на заштита на здравјето и безбедност
Ова право подразбира дека производите кои ги конзумираме мора да бидат безбедни кога се пуштаат на пазар, се ставаат во употреба или се употребуваат, особено поради остварување и заштита на јавниот интерес, заштита на нашето здравје, животните и растенијата и заштита на животната средина и природата.
Сето ова се постигнува преку носење регулатива со која се стандардизираат условите за пласман на производите, нивната амбалажа, дистрибуција, како и употребата на пестициди и други хемикалии кои може да влијаат врз нашето здравје и врз целокупната животна средина.
3. Право на заштита на економските интереси
Ова право oпфаќа:
- Право на пристап до разновидни стоки и услуги заради задоволување на нашите основни потреби, по пристапни цени и соодветен квалитет;
- Заштита од нечесни договорни одредби со кои нашите права се намалуваат, отежнуваат или исклучуваат;
- Заштита од измамнички и агресивни пазарни практики;
- Одговорност на производителот за производите со недостатоци и право за сервисирање на производите.
4. Право на обесштетување
Правото на обесштетување е едно од нашите најзначајни потрошувачки права кое подразбира право да бараме надомест за штетата која ни била причинета од неисправен производ, а за која одговара производителот. „Под производ се подразбира која било стока или предмет без оглед на степенот на нивната обработка, наменети за понуда на потрошувачите“
Производот се смета за неисправен ако, земајќи ги предвид сите околности на случајот, а особено начинот на кој производот ни е претставен, целите во кои според разумното очекување производот може да биде употребен и времето кога производот е пуштен во промет, не дава сигурност што од таквите производи оправдано се очекува.
Доколку ни била причинета штета од неисправен производ, мора да ја докажеме штетата, дефектот и причинско-последичната врска меѓу дефектот и штетата. Исто така, ако ни била причинета штета, прво треба да се обратиме кај трговецот со цел спогодбено надоместување на штетата, а во спротивно може да бараме надоместување на штетата во судска постапка.
5. Право на претставување (право да се биде слушнат)
Ова подразбира дека сите ние како потрошувачи имаме право да се организираме во потрошувачки организации на локално, национално и на ниво на Европската Унија, кои ќе ги штитат нашите интереси, организации во кои можеме да ги истакнеме своите поплаки, своите предлози за подобрување на нашите права, каде што ќе може да добиеме совет, како и наше претставување во државните органи каде што се разговара за правата и интересите на потрошувачите.
КАДЕ ДА СЕ ОБРАТИШ АКО НЕКОЕ ОД ПРАВАТА ТИ Е ПРЕКРШЕНО?
Доколку сте оштетени од одредени производи и/или услуги, како потрошувач можете да се обратите до подрачната единица на Државниот пазарен инспекторат кој ќе спроведе инспекциски надзор и ќе Ви помогне во остварувањето на вашите права.
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) врши инспекциски надзор над примената на законите, другите прописи и акти од страна на трговските друштва, други правни и физички лица, како и граѓаните кои вршат дејност на територијата на Република Македонија, а кои најчесто се однесуваат на безбедноста на производите, заштитата на потрошувачите, дејностите од областа на трговијата, угостителството, туризмот, занаетчиството, заштитата на правата од индустриска сопственост, како и други работи определени со закон.
Кои се телефонските броеви на кои може да се пријави проблем?
Граѓаните може да побараат совет и да се пожалат на одреден производ или услуга секој работен ден од 10.30 до 14.00 часот на телефонскиот број на Организацијата на Потрошиувачи на Македонија: 02 / 3179 – 592.
Освен организацијата на потрошувачи и повеќе државни органи воведоа директни телефонски линии за пријавување на неправилности.
Расипана или храна со изминат рок се пријавува во Агенцијата за храна на 0800 3 22 22.
Високи телефонски сметки или лоша услуга од телекомуникациските оператори се пријавува во Агенцијата за електронски комуникации на 190.
Неиздавање фискална сметка и слични проблеми се пријавуваат до Државниот пазарен инспекторат на 02 / 3220 – 547.
15ти Март – Светски ден на потрошувачите
Зачетоците на потрошувачката политика датираат од 1962 година, кога во Соединетите американски држави (САД) претседателот Џон Кенеди им се обрати на потрошувачите. Преку ОЕЦД потрошувачкото движење преоѓа во континентална Европа, поттикнувајќи ги највлијателните држави да развијат сопствена потрошувачка политика.
Европската комисија во 1975 година со својата прва програма за потрошувачката политика ги промовираше петте ,,основни права‘‘ за кои зборувал и претседателот Кенеди и тоа:
Право на заштита на здравјето и безбедност;
Право на заштита на економските интереси;
Право на правна заштита на потрошувачите;
Право на информации и образование;
Право на застапување на потрошувачките интереси.
По објавување на првата програма за политиката за заштита на потрошувачите Европската комисија постепено ја презема надлежноста од државите членки зафаќајќи ги областите кои се препознаваат како важен дел од потрошувачката политика. Усвојувањето на единствениот европски акт, кој како цел на европската интеграција за првпат ги определува постигнувањата на заедничкиот пазар, претставува значаен момент во односите помеѓу државите членки и Европската комисија.
Од 1986 година во надлежност на Европската зеадница спаѓа усвојување на на Директивите и наредбите за остварување на петте основни потрошувачки права, со што се придонесува кон воспоставување на заедничкиот внатрешен пазар. Надлежноста на Унијата во областа на политиката на заштита на потрошувачите првпат е воведена со договорот од Мастрихт во 1991 година а проширена со доворот од Амстердам . До повикување на правилото за посебна надлежност дошло само еднаш, при усвојување на Директивата 98/6 за означување на цените Сепак тоа допринело за легитимирање на регулаторните активности на ЕУ засновани на член 95 од Договорот за Европска унија (денес член 105 Договорот за функционирање на Европската унија). Лисабонскиот договор ја направиПовелбата за основните права како дел од европскиот правен поредок. Овде може да се пронајде основата на обврската на ЕУ да преземе соодветни мерки кои гарантираат остварување на целите на заштитата на потрошувачите.
Проектот „Е-услуга како самопослуга” го спроведува АГТИС во рамките на проектот финансиран од Европската Унија „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА”, спроведуван од Фондацијата Метаморфозис и партнерите.
You must be logged in to post a comment.