Има раширено мислење дека администрацијата, а посебно шефовите на тие административни оддели, земаат „подароци“, затоа што граѓаните ги нуделе, па не било убаво „да ги одбијат“.
Точно е дека граѓаните нудат мито, но само кога сакаат „леб преку погача“, односно, кога сакаат нешто на што законски немаат право. Точно е и тоа дека (кај нас) „се се може – ако се сака“, што е друго име за „со давање поткуп можеш секоја работа да ја завршиш“. Партиите се менуваат на власт и градоначалниците, но „пената останува иста“, затоа што и администрацијата останува иста и не е важно кој е шефот на едно општинско одделение или директор на државна институција. Така, на пример, иако се менил шефот на „урбанизам“, сеуште правниот лавиринт и самоволието на урбанистите остануваат на сила. Затоа и нема да ви одговорат кога ќе сакате да ги искористите е – услугите, кои (наводно) ви ги нудат и ги има на општинските веб страници.
Заради тоа треба да се користат е – услугите, за да видат тие на власт дека веќе мораат да воведуваат нови услуги, да ги подобрат постоечките, да си ја притиснат администрацијата поефикасно и побргу да ги изготвуваат потребните документи… Важно е и ние граѓаните и политичарите да сфатат дека со е – услугите сите добиваме и се намалува корупцијата. Кога партиите ќе видат дека е – услугите влијаат на рејтингот на партиите, „клопчето ќе се одмота“ и ќе започне таа е – демократија, која нам граѓаните ќе ни донесе многу.
Најдобар начин за тоа е да користиме е – услуги, да реагираме во јавноста или (барем) на нашите фејсбук профили за неадекватна услуга и да ги притискаме властите да сфатат дека повеќе не можат да не лажат со меѓуетнички односи, религија, душмани… Нас треба да не занима: колку има е – услуги, дали се вистински услуги или само замајување, колку време, колку пари и колку квалитет на услугата.
Кога нема да идеме повеќе на шалтери, нема да ни биде грижа колку нули напишал службеникот на општинскиот постер.