Логорски огин

Е-услуга Новости

Имаше време кога пред шалтерите се застануваше со часови пред отворање на институциите, за да „завршиш работа“. Тоа е менето, но сепак, понекогаш повторно се случува и што го видовме повторно заради пандемијата.

Една од причините за Е – услугите е и таа, но не е главна.

Е – услугите и нивното користење е голем тест за нашето општество, кое многу споро применува нови технологии, иако над 100.000 граѓани на оваа земја работат како ИТ работници и експерти за странски компании. Навистина чудно: Продаваме ИТ услуги, а уште палиме логорски огин пред општините и институциите. Што се случува со нас – навистина?

Што им фали на општините со тоа е – услугите? И со пролупан компјутер може сето тоа да се среди, ако има вработени што знаат како, а тоа го учеле на факултет, иако дури и факултет е вишок за е – услуги. Талентирани средношколци сето тоа можат да го воспостават за час. Ете, примија и ИТ школувани лица. Па каде е проблемот?

Проблемот е што секое лице со функција прави математики: Ако многу ја заповедам администрацијата, ако воведам многу услуги, ако ги натерам вработените да работат и да одговараат со рокови, ако ги натерам да почитуваат закон… дали ќе имаат време за партиски работи, дали ќе ми завршуваат мене партиски и приватни работи… Да не си направам беља, па да испаднам будала и да не се обогатам, токму преку таа администрација, која треба да крши закони за моја сметка?

Затоа, граѓаните мораат да вршат притисок на партиите, општините, владата, институциите, со која „ќе ја отвораат администрацијата“ кон граѓаните и ќе ги убедуваат партиите дека мора да го смалуваат криминалниот колач, во име на подобар живот на граѓаните. Ете видовме дека со партиите тоа не го можеме, оти „врана – на врана очи не вадела“, па мораме директно со зголемување на барањата за е – услуги, подобри услуги, барање информации, барање објаснувања.

Така, полека – но сигурно, администрацијата можеме да ја направиме поблиска до нас, отколку до функционерите.

Понекаде, токму, во поразвиените земји сеуште има шатори пред општините, судовите, владата… но тоа се шатори на „Кучињата чувари на демократијата“, затоа што таму одамна има ефикасни е – услуги, па им останува да го чуваат она што го стекнале.