Навистина оди напред, но прашањето е: Каде? Дали секаде?
Одговорот е ист од праисторија до денес: Каде што мора!
Одма доаѓа прашањето: Како тоа – „мора“? Сите знаеме дека „Мора“ само ако некој „од високо“ нареди, инаку, никој не се занишува, освен за личен интерес. Така било, така е, така ќе биде.
Дали тоа значи дека ние граѓаните можеме да се збогуваме со надежта за електронски услуги, барем следните 10 години?
Одговорот зависи од нас.
Ако властите и/или партиите (сите власти и сите партии) видат дека граѓаните не бараат ефинасни е – услуги, не критикуваат за поголема транспарентност на властите, не говорат за побрза услуга, која помалку чини и не го анализираат квалитетот на таквата услугата, никој – ништо нема да „мора“ во администрацијата.
Ако партиите видат дека граѓаните станале свесни и притискаат за е – услуги, бараат податоци од јавен карактер, пишуваат, „досадуваат“, „се бунат“… властите одма ќе се сетат дека „техниката отишла напред“ и ќе ја „здрмаат“ администрацијата. Тогаш, чудесно и преку ноќ, администрацијата ќе може да сработи и на старите компјутери, наеднаш мрежите ќе им се подобрат, па ако треба и од дома да си носат лаптопи.
Затоа: Да им помогнеме на властите „ДА САКААТ“, односно да МОРААТ, со тоа што ќе им кажеме дека тоа ни е важно. Тоа се прави со користење на е – услуги, е – плаќање, незгодни прашања до администрацијата и градоначалникот, како на пример: „Градоначалниче, заради што немаш електронски услуги, туку ми даваш само формулар, кој треба да го донесам на шалтер“. Ти неќеш или не те слушаат вработените?. Ако тие прашања се пред камери – уште подобро.
Така, кога ќе видат дека е тоа прашање што делува на нивниот партиски рејтинг, одма има да МОРААТ и техниката одма ќе дојде во општината. Па уште ако е пред некои избори…