„Мало новинарство“ за значајни теми

ОТВ

Проектот со наслов „Рурално мало новинарство преку Отворена ТВ“, беше причина за денешната средба на градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и претставници на АГТИС, на која беше потпишан и меморандум за соработка. Проектот е финансиран од Амбасадата на САД во Скопје.

Претставници од АГТИС и градоначалник на Општина Прилеп

Проектните активности се оценети како мошне потребни и корисни, како за граѓанското општество и граѓаните, така и за локалната самоуправа. Тие носат насока на граѓански активизам и инволвирање во процесот на носење одлуки на локално ниво. Тука сите присутни беа едногласни. Во таа насока да го цитираме градоначалникот Јованоски: „градоначалникот не може да биде секаде – во секое време. Не може да знае се, и заради тоа, преку тоа мало новинарство, тој ќе се запознава со проблемите на обичниот човек, кои можеби не би дошле до него, со што ќе биде во можност истите да ги реши, или барем ублажи. Често, градоначалникот граѓаните го замислуваат како златна рипка која исполнува желби, но работите не одат така. Постојат вработени во локалната самоуправа кои јас треба да ги задолжам за извршување на задачи и кои носат и самостојни одлуки. Малото новинарство ќе ми помогне да ја извршувам функцијата поуспешно, токму преку запознавањето со тие „мали приказни“, кои, понекогаш, живот значат за граѓанинот. Така јас подобро ќе знам како работи мојот тим и колку успеваме во нашите искрени намери да ги мениме работите на подобро.

Секој градоначалник има свој стил на раководење, а мојот се состои во тоа да им овозможам на граѓаните да работат, а не да им ветувам дека сите други ќе работат за нив“ – порачува Јованоски. „Не само јас, туку и секој задолжен во општината има задача да биде отворен и транспарентен кон јавноста“ – заврши градоначалникот.

Проектот „Рурално мало новинарство преку Отворена ТВ“ има за цел да едуцира локални известувачи на заедницата кои ќе пристапат на поинаков начин, отколку класичните новинари, и со тоа ќе ја приближат локалната самоуправа до граѓанинот, и обратно. Проектот трае 10 месеци.

Креативен тим

Известува: Мартина Билјаровска
Фотографија: Божидар Цветкоски

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ОТВ Прилеп.