Старт ап прирачник за млади во Македонија – Бизнис како начин на живот

Новости ОТВ

Кога станува збор за бизнис, секоја земја има различен менталитет и традиција. Затоа и едукацијата е различна насекаде. Некаде акцент треба да се стави на техничките податоци за започнување и водење бизнис, некаде на едукацијата, некаде на специјализацијата, некаде на финансирањето. Во Македонија, која нема богата деловна традиција, акцентот треба да се стави на едукацијата и мотивацијата за стартување сопствен бизнис. Овој прирачник за млади би требало да функционира „на наш терен“, но некои делови можат да бидат применливи и универзално.

Денес живееме во капитализам од недефиниран вид, затоа што бизнисите кај нас можат само да личат на оние светските, но не се. Ние живееме и со нашето социјалистичко минато, кое го има и во главите на постарите, нашите родители, но и во нашите глави. Нашиот пазар не е конкурентски, туку полуслободен и премногу регулиран (многу закони, кои често се менуваат) од Владата и е комбинација на многу нешта: и стари и нови, иако полека се движиме кон светските трендови, под притисок на западните економии и странските амбасади.

Заради што го потенцираме ова?

Затоа што ние не можеме да земеме готови бизнис обуки од странство, иако ги има многу и да ги аплицираме во нашиот случај. Имаме и „домашни” обуки, но не функционираат, затоа што се преводи од странска литература, направени за друг вид бизнис модели од професори со „0” деловно искуство. Тие (и странците и нашите) – нашите бизнис модели не ги третираат, ниту менталитетот, ниту нашето ниво на знаење и умеење, ниту храброста за инвестирање, способностите за анализа на пазарот, конкурентските предности…

Затоа, одговорно е да кажеме дека ние пробуваме потребното знаење за започнувње бизнис да го напишеме внимателно, скроено за нас, со полна свест кои сме и какви сме.

КАКО ОВА ЌЕ РАБОТИ?
ЗОШТО ТИ ТРЕБА СЕТО ОВА?
ЗА КОГО Е НАМЕНЕТА ПУБЛИКАЦИЈАВА?

Најпрво – последното  (за кого е наменета публикацијава):

  • Ако си повлечен
  • Ако и не си повлечен, но….
  • Ако си престанал да си го планираш животот, или и ако го планираш, но….
  • Ако настаните се секогаш пред тебе, а не ти пред нив…
  • Ако имаш чувство дека доцниш….
  • Ако често велиш: „и јас на ова можев да се сетам”, „зошто мене не ми текна вакво нешто, кога правам многу попаметни и посложени работи“…
  • Ако си престанал да креираш, или креираш, но….
  • Ако велиш: „ама зошто вака?“
  • Ако имаш желба да бидеш „свој на свое“, да отвориш свој бизнис, но чувствуваш страв, чувствуваш дека „нешто фали“
  • Ако мислиш дека се е веќе измислено, а гледаш дека другите нешто измислуваат и успеваат…
  • Ако мислиш дека „другите се виновни“, дека „немаш среќа“, дека „животот не те сака”…

Немам формула, имам совети!
Да имаше формула, сите ќе ја прочитаа и светот ќе беше едно досадно место за живот. 🙂

Старт ап прирачник за млади во Македонија – македонска верзија

Старт ап прирачник за млади во Македонија – англиска верзија