На 06.09.2018 на просторот под Градски Саат, прилепчани зедоа учество на трибина на отворено со наслов „Како до подобро и повистинито информирање“ во организација на АГТИС-Прилеп.
Трибината е поврзана со два проекти на АГТИС споени во еден: „Рурално и мало новинарство преку Отворена Телевизија – ОТВ“ кои се реализираат благодарение на разбирањето на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија и на Европската Унија.
Самиот проект има намера да креира мрежа на локални репортери по општините во Пелагонискиот плански регион, посебно во оние општини, за кои Прилеп обезбедува одредени институционални услуги. Локалните репортери се одговорот на прашањето кое се постави на трибината: Каков медиум му е потребен на Прилеп?
Милан Секулоски – модератор на трибина, Илија Јованоски – градоначалник на Прилеп, Александар Цветкоски – претседател на АГТИС
„Ова новинарство е повзано со знаења за самата локална самоуправа, повеќе е истражувачко отколку сензационалистичко новинарство, и служи малите приказни на обичните луѓе да се најдат во етерот и пред институциите – кои носат одлуки во наше име. Едноставно е, ако ние ја популаризираме некоја ситуација, има многу поголеми шанси таа да се реши. Институциите многу поубаво функционираат, ако постои медиум, кој ги следи нивните работи, а не само настаните.
Затоа и започнуваме со обука за тоа мало новинарство, но преку видеа, со кои знаењата ќе влегуваат и преку кожата, а не само преку главата. Овде ќе учиме да бидеме опасни, да научиме да истражуваме и документи на општините и институциите, нивни планови, одлуки, буџет, отчети… и со тоа, да пробаме да го менуваме општеството во посакувана насока, а не само да бидеме пасивни граѓани, кои живеат со одлуките на општинските власти, а истовремено не учествуваат во процесот на носење одлуки. Едноставно е: Ние сакаме да бидеме вклучени во носењето на тие одлуки, па затоа рано ќе се интересираме, ќе предупредуваме, ќе сакаме да го свртиме јавното внимание и да развиеме дебата на општините и граѓаните. Со тоа се носат подобрувања, а и на општините им е полесно, кога ги имаат граѓанските ставови и мислења. Сето останато е чиста техника“ – објаснува Александар Цветкоски, претседател на АГТИС.
На трибината беа присутни голем број на граѓани, претставници од општина Прилеп, градоначалникот Илија Јованоски, невладини организации, здруженија, бизнис сектор, претставници на политички партии, локални новинари и др. Граѓаните ја искористија трибината за да постават различни прашања до панелистите, за проблемите на локално ниво, за актуелната општествена и политичка состојба во која што се наоѓа нашата држава, како и да ја дадат својата поддршка за граѓанското новинарство и укажаа на потребата од отворено, транспарентно и вистинито информирање.
„Благодарност до АГТИС која што организираше една одлична трибина, токму за новинарството, посебно новинарството во руралните средини, за веста што треба да се прикаже, начинот на прикажување на веста и се она што е потребно за еден новинар. Посебна благодарност за она што ова е прв момент, јас како градоначалник да ја имам можноста, вака на отворено, да излезам со граѓаните на интерактивна комуникација за сите проблеми во градот, а морам уште еднаш да напоменам, дека нема табу тема, за која што не може да се разговара. Стојам на располагање, секогаш и секаде да одговорам на новинарски прашања и прашања од граѓаните. Да направиме се што е во надлежност на општината за да биде подобро отколку што е сега. И мислам дека, секоја добронамерна критика, дали од граѓаните или од новинарите, позитивно ќе влијае на мене и на моите одлуки, на советот, на целата администрација во Општина Прилеп“ – порача Илија Јованоски, градоначалник на Општина Прилеп.
Целосната трибина можете да ја погледнете овде.
You must be logged in to post a comment.