Навиките се чудо!!!

Е-услуга Новости

Многу вода протече, многу сметки платија граѓаните на светот и многу документи извадија „он – лајн“ додека ние сеуште разговараме за корисноста на Е – услугите. Додека младите „не се занимавале со тоа“, на постарите им било полесно да дојдат од село – в’град, да почекаат на шалтер и да „збркаат“ работа таму. Велат: Друго било кога во очи ќе го гледаш човекот, кој треба да ти издаде извод од регистарот на родени, умрени, кој треба да ти ја земе пријавата за пасош, да ти наплати данок…

Точно, друго е. Едното е лесно, а другото малтретирање. Цел свет е глупав, само ние паметни!

Што имаш од гледањето во очи со човекот што ти вели „дојди утре“ или „дојди после пауза“?

Навиките се чудо!!! Наместо од дома, во удобноста на домот и кога имаш најмногу време да си извадиш документ, да си платиш сметки или да провериш на кого се води некоја парцела, ти ќе бараш пријатели да ти „завршат работа“, која се завршува за минута преку е – услугите.

Навиките се чудо, а ние сме чудни и тоа е факт. На пример, ќе поддадеш за некој извод од урбанистички план, за легализација, приватизација, товар на земјиште, па или нема да добиеш „пусулче“ со приемен број од архива или ќе го затуриш пусулот, па нема да знаеш кога ќе појдеш да бараш дали ти е готов изводот, потврдата, решението… Тогаш ќе чуеш од луѓето, кои „во очи ги гледаш“: И сега? Кај да ти најдам, кога немаш бројче. Ај оди најди го. Ама, и телефонот е чудо, па ќе се јавиш подома да го бараат „пусулот“ по џебови од палта, по паричници, по папки или кај „артиите“. Така, наједноставните работи ќе ги заангажираат сите по дома, за потоа да имате за што да правите муабет. Кој што ќе го најде пусулчето, ќе биде херој на семејството.

Браво – петка на рака да ти пишат.

            Ами ако тој / таа на шалтерот оцениле дека си добар како „нива за орање“, па да ти каже дека „ќе ти завршат работа, ама треба малку подмачкување“?

            Да баталиме зафрканции: Користете е – услуги и тоа не само затоа што е поевтино, побрзо, поотчетно – оти течат законските рокови за одговор и што завршуваш работа со помалку малтретирање, туку и ја намалувате корупцијата, вршите притисок врз институциите, кои ги даваат тие е – услуги, за да ги подобрат услугите и да воведат нови и НАЈБИТНО ОД СЕ: ги отворате институциите кон граѓаните, ги превоспитуваат административците, ги тераат раководителите да бираат пописмени административци, кои добро работат на компјутери и воведуваат култура на однесување, која нашите деца ја бараат, затоа што ја гледаат во светот.

Телефонот е подобро да го користите за е – услуги и е – плаќање, отколку да порачате дома „да го бараат пусулот“ со приемното бројче и немојте да се плашите дека ќе ви го бараат телефонот или лап – топот да го поднесете на шалтер.

Последно: Преку телефон (сеуште) Ковидот не се пренесувал.