НЕ ПАЃАЈТЕ НА НАСЛОВИ поврзани со COVID-19!

Новости Обуки

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми, се вели во член 8 од КОДЕКСОТ на новинари.

Корона вирусот е најактуелната тема во медиумите, а тие се тркаат кој ќе привлече што е можно повеќе читатели на своите содржини на оваа тема, честопати и со манипулативни и заведувачки наслови, односно кликбејт.

НАПИС 1:

КУРИР: Никој не му остана имун на коронавирусот: Eве што прават Пандев, Николов и Ристовски за време на самоизолација (ФОТО)

Линк до оригиналниот напис: Никој не му остана имун на коронавирусот: Eве што прават Пандев, Николов и Ристовски за време на самоизолација-ФОТО

Датум на објавување: 16 март 2020 г.
Датум на рецензирање: 17 март 2020 г.

Оваа медиумска содржина не е потпишана од автор. Објавена е на 16 март 2020г., и во текстот се вели дека познатите македонски фудбалери Горан Пандев, Бобан Николов и Стефан Ристовски ја почитуваат мерката за самоизолација и се дружат меѓусебно со помош на денешната технологија. Како дополнение, во написот има слика од фудбалерите кои разговараат на социјалните мрежи.

Но, прогресијата на состојбата со корона-вирусот не дозволува да се користат сензационални наслови. Насловот е заведувачки и не одговара со медиумската содржина.

Наслов: „Никој не му остана имун на коронавирусот“

Вниманието на јавноста овде може да биде насочено кон тоа дека и фудбалерите се заразени со корона вирусот, што не е вистина. Фудбалерите се здрави, но остануваат во домашни услови и преку сликата повикуваат луѓето да ги следат мерките за останување дома.

НАПИС 2:

КУРИР: Српската пејачка се тестираше од коронавирусот: Со денови не може да стане од кревет, одбива да се види со сите кои и нудат помош! (ФОТО)

Линк до оригиналниот напис: КУРИР: Српската пејачка се тестираше од коронавирусот: Со денови не може да стане од кревет, одбива да се види со сите кои и нудат помош! (ФОТО)

Датум на објавување: 16 март 2020 г.
Датум на рецензирање: 17 март 2020 г.

Оваа медиумска содржина  не е потпишана од  автор. Објавена е на 16 март 2020г., и во текстот се вели дека српската пејачка Јасна Јами Миленковиќ неколку денови живее во потполна изолација од страв да не се зарази со коронавирусот.

Во текстот се повикуваат на извор близок до пејачката кој вели дека „таа отиде во една невладина институција во која се тестираше од коронавирусот. Изгледаше многу лошо и беше сигурна дека тестот ќе и биде позитивен, сепак тестот беше негативен, а потоа од среќа заплака среде болницата“ , како и дека тој додал дека „таа останала да живее во изолација во наредните денови“.

Насловот е заведувачки и не одговара во целост со медиумската содржина, односно во текстот се дознава дека резултатите се веќе направени и дека се негативни.

Наслов: Српската пејачка се тестираше од коронавирусот: Со денови не може да стане од кревет, одбива да се види со сите кои и нудат помош! (ФОТО)

Вниманието на јавноста овде може да биде насочено кон тоа да дознаат дали тестовите на српската пејачка се позитивни или негатвивни. Ова е класичен пример за кликбејт (click bait) со кој медимот што го објавил овој напис сака да достигне што повеќе кликања.

НАПИС 3:

СЕКОЈ ДЕН: СТРОГО ЧУВАНАТА ТАЈНА ЗА КОРОНАВИРУСОТ: Излезе во јавност и веќе секој ја знае

Линк до оригиналниот напис: СТРОГО ЧУВАНАТА ТАЈНА ЗА КОРОНАВИРУСОТ: Излезе во јавност и веќе секој ја знае

Датум на објавување: пред 2 недели (oва стои на официјалната страна, не се знае точен датум)
Датум на рецензирање: 17 март 2020 г.

Оваа медиумска содржина е потпишана од Автор АДМИН 22 и кажува дека изнесува ставови кои припаѓаат на автор Радо Неделчев. Притоа, Автор АДМИН 22  за оваа медиумска содржина напишал:
       „Ние споделуваме сите материјали без уредничка интервенција!“

Член 8 од Закон за медиум вели дека:

(1) Секој  издавач на медиум  мора да има одговорен уредник, кој е новинар и кој го именува и разрешува издавачот на медиум.

(2) Одговорниот уредник ја води реализацијата на содржините што се објавуваат, односно емитуваат и  одговора за  секоја објавена информација во медиумот, согласно  закон.

Оваа медиумска содржина започнувајќи со насловот дека наводно има тајна за коронавирусот и наводно е откриена изобилува со низа теории на заговор дека корона вирусот е настанат во

„одговор – САД, преку Пентагон и нивните лаборатории (тие имаат – доста, многу лаборатории, во – Канада, Украина, Узбекистан, Грузија, Казахстан, Азербејџан, Ерменија, итн.“

Понатаму, се вели дека

„во моментов, САД водат економска војна, токму со овие три земји – Кина, Русија и Иран. Но, нивниот најголем непријател во моментов е Кина. И затоа што САД не можат да ја уништат Кина, Русија и Иран, преку воени активности или преку санкции – туку ги напаѓаат со биолошко оружје. Измислената приказна дека заразата требаше да потекнува од кинески пазар е толку смешна и толку лошо скриена, со бела нишка, што само ја сметам за смешна!“

Докази за оваа теорија на заговор нема, ниту пак во текстот се приложени аргументи кои можат да се докажат.

Насловите на медиумите, особено кај онлајн медиумите се користат како алатка за собирање на читатели. Целта е преку насловот, публиката да се наведе да го отвори линкот во кој содржината може, но и не мора да биде невистинита.

Ова е често најупотребуваната форма на манипулација кај онлајн медиумите. Се смета дека води потекло од талбоидното новинарство или т.н. жолт печат. Најчесто овие објави се креираат со цел да можат лесно и брзо да се шират на социјалните мрежи.

Сензационалистичките наслови скоро секогаш се креирани од финансиски интереси, кои се преточени преку зголемена посета на публиката. Кликбејтот им помага на сопствениците на порталите стратешко позиционирање, со што им носат финансиска придобивка.

ВНИМАВАЈТЕ НА МЕДИУМСКАТА ХИГИЕНА!

Медиумската содржина треба да даде корисни информации за правилно информирање на граѓаните и што е најважно, да помoгне за превенцијата од вирусот.

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните – корисници на социјалните мрежи да не споделуват и шират непроверени односно „лажни“ вести околу вирусот Ковид 19, со кои се создава вознемиреност и паника меѓу граѓаните. Лажните вести кои создаваат неоснована паника имаат долгосежни последици и врз општествената состојба но и врз колективното здравје на граѓаните. Ваквите злоупотреби ќе бидат законски санкционирани затоа што на овој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника. Нема да има компромис во санкционирањето на оние кои свесно шират лажни вести. Апелираме до медиумите и корисниците на социјалните мрежи да се повикуваат единствено на официјално објавените податоци од надлежните институции. За сите потребни информации да се обратат до Министерството за здравство, секторот за односи со јавност во Владата или останатите релевантни институции, кои постојано ја информираат јавноста со обновени податоци неколку пати во текот на денот.