Не помина, продолжуваме следните 2 години. Прашањето е дали проектот некого ќе инспирира, дали ги постигна целите и до каде?
Овој проект ги постави темелите на свесноста за значењето на отворените податоци на општината, нивните услуги кон граѓаните и нивното правилно информирање. Градоначалниците се сигурно свесни за тоа, ги задолжија своите служби да бидат отчетни и транспарентни и да „го учат занаетот“ за тоа. Не е само волја, туку има и многу техника, работа и притискање на целата администрација и вработените во општините.
Ова се многу занаети и тоа од знаење како да се известат граѓаните, што поразбиливо и помотивирачки, за да дојдат на општинските настани, па до знаења како општините да вршат постојана јавна едукација на граѓаните, за да добијат што поквалитетен одговор од нив, кој ќе го надмине партиското препукување.
Тука сме начисто: Веќе партиите знаат дека ако добро владееш, ќе имаш повисок рејтинг. Сето тоа заедно се сведува на: искреност со граѓаните, објавени податоци од секој тип, за граѓанинот да знае дека не е манипулиран или искористен за партиски цели и ефикасни општински служби, кои ќе им дадат услуги на граѓаните, кои тие ги бараат. Можеби урбаната мафија носи пари за властите, но тоа ќе ги чини партиите рејтинг. Можеби е добро да ветиш и не исполниш, но потоа парите ќе ги потрошиш за безуспешна кампања. Тоа се факти.
Во овој проект ние ги убедивме општините дека знаеме што прават, знаат и граѓаните, па само посветената работа може да им даде повисок рејтинг, во услови кога веќе никој – никого не може да излаже.
ОТВ веќе помага во информирањето на граѓаните, а со продолжението на проектот, нашите комунити репортери (известивачи на заедницата), ќе служат како сервис на сите општини во Пелагонискиот регион, во информирањето на граѓаните, но не партиски, не манипулативно и не лажно. ОТВ не е телевизија, која се бори за парите на „муштериите“. ОТВ е непрофитна медиска заедница, која можат паметните градоначалници да ја искористат да пласираат информации, кои ние ќе ги објавиме, но преработени од нас, за да не станеме уште „еден безвезен портал“, кој шири партиски вести, под маската на непристрасност.
Сето останато ќе биде борба за доверба кај граѓаните, што ќе овозможи да ги „притискаме“ општините и понатаму да продолжат позитивните процеси на отчетност, транспарентност, подобри услуги и е – услуги, како и на објавување на податоците, кои им се потребни на граѓаните, за да си ги тераат своите работи со општините.
Не бараме многу од општините, нели?
Само да си ја работат работата прописно, затоа шти и општините се власт, а власта расипува.