Новинарите не се тука за да префрлаат топки на градоначалникот и на институциите, туку мора да прашаат она што граѓанин би запрашал

Новости Обуки

Што прават руралните општини, но и поголемите урбани општини, кои извршуваат надлежности за сметка на помалата општина со надлежностите во здравството, младинските и социјалните прашања? А што прават и НВО – ите?

Да прашаш некој што ги знае работите, ќе ти рече: Совети? Ами локалните самоуправи ниту надлежностите не си ги остваруваат, а не па друго. Не е баш така, ама не дека не е вистина до некаде. Руралните посебно. Не им е лесно, да се разбереме. Мал буџет, скоро и да нема пари од персонален данок, нема бизнис, па да им останува и од ДДВ – то, нема дуќани да земаат пари од издаден деловен простор, малку фирмарини, нема закуп на плоштадите– како во градот за кафуле, оти нема ниту кафуле, ниту плоштади. Затекната состојба – катастрофа: ниту патишта, ниту плоштади, ниту зеленило, ниту канализација, ниту водоводи… ептен е лошо. И она што имаше домови на културата, некакви општински згради – се е пропаднато. Младите им се отселуваат… Ама, еве, со субвенцииве живнаа. Оти пак ништо не менуваат.

Не дека нема што да прават – ама не прават.

  • На пример, нема проекти за обнова на домовите на културата. Добро, пари се бараат, но мора да имаат барем проект за домот, да се знае што треба да се направи, колку тоа ќе чини, кој ќе биде вработен и што ќе прави домот. Оти… имавме домови, па се затворија. Оти сега да работат? Што е гаранција дека ќе работат?
  • Нема оставено земјиште за општински згради, канцеларии, училишта, спортски терени… Оти општината не бара од државното земјиште да им го додели, па барем да имаат место за градба, каде ќе поминат ДУП, ГУП, катастар, ќе направат план, ќе планираат пат до тука… Секој би инвестирал, ако општината му се најде на тој начин. Некој ризикува ако гради такви работи. Оти општината да не ризикува и унапред тоа да го подготви?
  • Оти општината не организира нешто од областа на културата, па да се види дека има желба, има капацитет, но нема место, сала?
  • Оти општината не праќа едно вработено лице да учи како се работи со културата, па да си земе тој и да си го развива тој сектор во општината?
  • Оти не прати млад човек да учи за локален економски развој?
  • На пример, ако немаат пари да плаќаат да им прават проекти, можат да ги искористат невладините. Можат да платат некоја поискусна НВО да им ги научи нивните дечиња. Има пари и во ИПА – та и во ИПАРД – от и за погранични проекти и од фондовите за неразвиени подрачја, од фондовите за патишта, ама …. и тука проблеми
  • Немаат ниту ДУП – ови, ниту ГУП – ови, ниту излагањето во катастар го поминале. Како да пријават во ИПАРД – от проект, кога таму бараат да имаш од катастар дека си сопственик. Има ниви, уште на дедо и прадедо се пишани.
  • Тука и невладините организации можеме да ги „чепнеме“. Оти тие не се занимваат со ИПАРД – от? Ами селанецот има потреба некој да му ги сработи документите за да аплицира за трактор, комбањ, друга земјоделска опрема. Оти не научиле да прават проекти од ИПАРД – от? А што прават невладините? Кукаат оти немало грантови. Е па нема. Треба да направиш проект, треба да следиш повици за проекти, треба да ги исчиташ правилата. Не е просто ич.
  • Или земјоделските здруженија. Оти тие не работат со грантови, да им помогнат на своите членови. Тие што прават? Со една нога во политика, со друга во кафана. Е нема пари тогаш, за никого.
  • Дури и градоначалникот може да ги собере сите овие и НВО – и и земјоделски задруги и бизнисмени и комори и да ги праша: работите ли вие нешто со ова ИПАРД – ов? А со пограничните проекти?
  • Може градоначалникот на многу начини да делува. Име е. Оти не ги викне проефесорите, деканот, ректорот на универзитетот, да направи муабет за тие да направт проекти, за градоначалникот да си бара пари. Штом е градоначалник, тој доаѓа од партија, а партијата е на власт. Ако не е на власт, нивни членови седат во комисиите за грантови. Така, универзитетите или НВО – ите можат да направат проекти, а политичарите да лобираат општината да го добие. Така е и со фондот за патишта, за рурални и неразвиени подрачја, а грантови има, не дека нема.

Сите тие треба да се прашаат, ама да имаш прашања, кога ќе почнат да се правдаат и да ја префрлаат вината едни – на други. Новинарите, рековме веќе, не се тука за да му префрлаат топки на градоначалникот и на институциите, туку мора да прашаат она што граѓанин би запрашал: „Добро де, еве градоначалник си. Зошто не ја користиш моќта за да промениш нешто на подобро?“ Истото е и за НВО – ите и со земјоделските здруженија, со агенциите „за ова и за она“.

Нема тука пардон, новинарот не мора да му биде омилен на функционерите и на НВО – ите, туку на народот. Тоа се неговата публика. Па прашај бре како што треба, прашај. Не знаеш?

Гледај сега, а утре нема оправдување и “не знаев“.