Помалку платени, помалку унапредени и помалку заштитени

Новости Обуки

Секако дека има прогрес во оваа сфера, но ако излезете надвор и прашате вработена жена дали ги добива сите права кои и следуваат и дали е еднаква во споредба со мажите, ќе добиете негативен одговор.

Жените се помалку платени.

Истражувањата покажуваат дека жените во нашата земја добиваат 12.5% пониска плата од мажите. Дополнително, главен проблем е тоа што една третина од жените, наспроти само 1% од мажите во Македонија, не се активни на пазарот на труд.

Жените се помалку унапредувани.

Иако борбата за родова еднаквост бележи повеќе од век, застапеноста на жените на раководни и високи позиции е се уште на почеток. Ова се должи на стереотипипното предубедување дека жената не може да биде добар менаџер или управител кко што тоа би го направил мажот. Дури и во професии кои доминантно „женски професии“ како што е на пример образованието-наставниот кадар, жените вообичаено ги заземаат местата на пониско платен наставен кадар.

Статистичките истражувања покажуваат дека застапеноста на жени на раководни и високи позици не треба да биде обврска која ќе се прави заради промовирање на родова еднаквост, туку поради фактот дека половина од светот го сочинуваат жените, и дека за финансиска стабилност и раст не само што е исправно да се вклучат и жените, туку тоа е и паметна одлука.

Жените се помалку заштитени.

Под заштита на работното место не влегуваат само безбедни работни услови, туку и уживањето на бенефициите кои произлегуваат од работниот однос. Тука мислиме особено на посебните женски права, како правата при породилно отсуство и бременост.

Според Законот за работни односи работничка за време на бременост, раѓање и родителство има право на платено отсуство од работа во траење од девет месеца непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) 15 месеци

Прочитајте повеќе за овие права на  https://www.pravdiko.mk/koi-se-vashite-prava-pri-porodilno-otsustvo-i-bremenost/.

Често, овие права не се почитуваат од стопанствениците. Според нашите истражувања на жените им се бараат податоци за бременост или планирање на бременост при самото интервју за работа. Често, работничките бремени се жалат дека ги извршуваат работните обврски како и сите други работници, со прекувремена и ноќна работа, а не е мал ни бројот на бремени работнички кои се пожлија дека договорот за вработување не им бил продолжен. И светските статистики покажуваат дека една од две мајки искусиле дискриминација на работното место како резултат на нивното породилно отсуство.

Сексуално вознемирување значи секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер што претставува повреда на личното достоинство, особено кога предизвикува заплашување, одбивност, деградирање, понижување или навредливо однесување. Ваквиот вид на вознемирување често им се случува на жените и претставува сериозна повреда на основните човекови права.  

Права и одредби од меѓународни документи и националното право

Секој има право на работа, слободен избор на работно место, праведни и поволни услови за работа и заштита од невработеност. Секој, без каква и да е дискриминација, има право на еднаква плата за иста работа.
Секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Подетални одредби за регулирање на оваа област се наоѓаат во Законот за работни односи, Законот за вработување и осигурување во случај на невработенот, Законот за зголемување на вработувањето.

Овој напис е дел од проектот „Родово сензитивна агенда преку Отворена ТВ“, кој го спроведува АГТИС, поддржан од ЕИЖ, Омиш, Хрватска.