Премиера на филм: ЕКСПЕДИЦИЈА НОВ ПРОСТОР

Новости ОТВ

Вчеравечер, во просториите на Кино Мис Стон во Прилеп, пред полна сала, премиерно беше прикажан филмот „ЕКСПЕДИЦИЈА НОВ ПРОСТОР“.

Филмот е дел од проектот на АГТИС во соработка со Извиднички одред „Феникс“, со наслов „Координати на културата – откривање нов културен простор“, финансиран од Министерство за култура на Р. Македонија.

Целта на овој проект е да развие нови културни простори од самата средба на културата и извидниците, базирана на културни, културно – амбиентални и еколошко – естетски премиси. Подетално за проектот можете да погледнете на веб страната на АГТИС – https://agtis.org.mk/koordinati-na-kulturata/.

Последниве неколку месеци, АГТИС заедно со патролите на извидничкиот одред посетија различни места низ пелагонискиот регион и тоа го документираа и искористија за сценарио за извиднички филм, во кој тие сакаат да ја воведат мисијата „култура“, како иден интерес на извидниците. Во тој поглед, тие нашата култура од сите видови (од споменици на културата, па до елементите на недодирливата култура) ја толкуваа спрема своите знаења и интереси.

Така, оваа „средба“ е исткаена како феномен на културниот туризам и на новото разбирање на културниот простор, како креативен простор, во кој енергијата на младите постигнува нова култивација.

„Мислам дека имаме многу убав производ, пред се, производ кој никогаш не е снимен во Македонија. Мислиме дека ова ќе биде голем потенцијал за понатаму, да се претстават извидниците пред светот. Сакам да им заблагодарам на извидниците за нивната посветеност, кои навистина пожртвувано и многу стрпливо не истрпија до крај, затоа што овде не беа само извидници, беа и глумци во исто време, се грижеја за опкружувањето и за претставување на културата на еден специфичен начин “ – рече Александар Цветкоски, претседател на АГТИС.

„Сакам да им заблагодарам на сите извидници кои учествуваа во проектот и во снимањето на овој филм. Со ова докажуваме дека извидниците можат да бидат и глумци, и сниматели, и монтажери“ – истакнува Филип Стојаноски, старешина на И.О. „Феникс“ – Прилеп.

„Голема чест ми е што сум сведок на овој денешен настан за премиера на филм, кој е единствен од ваков вид во историјата на извидништвото во Македонија. Сакам да изразам голема благодарност на нашиот старешина, Филип Стојаноски, за неговото несебично вложување во овој проект. Исто така, сакам да упатам благодарност до АГТИС и сите членови на АГТИС. Се надевам дека овој проект ќе бележи бројни успеси и на нас, извидниците, ќе ни отвори нови врати и нови погледи“ – кажува Ивана Сурлаџиоска, началник на И.О. „Феникс“ – Прилеп.